Во Музејот на современата уметност денеска, со почеток во 12 часот, ќе биде отворена групната изложба „Паник рум или скок во мислењето“. Во поставката ќе учествуваат уметниците: Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски и групата ОПА. Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.
– Последиците од климатските промени, на чии процеси во голема мера влијае нaчинот на кој човекот се однесува, ја искористува и уништува природата, забрзано ги менуваат животните услови: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии… Изложбата ја тематизира состојбата на глобалната опасност што му се заканува на светот. Уметниците со оваа изложба на различни начини и со различни уметнички техники (сликарство, инсталација, цртеж, видео, фотографии, постери, уметничкo-истражувачка работилница, интерактивен виртуелен и партиципативен проект), исцртуваат координати за лоцирање на проблемите со кои се соочува современиот свет во кој живееме, како и на можни креативни платформи како места на отскок од вообичаените практики на мислење и дејствување – велат од МСУ.

Концептот на изложбата е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување.
– Наедно, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит – вели кураторката Неделковска.
Според неа, „Паник рум“ не подразбира некакво безбедно место каде што би можеле да се скриеме (како во филмот на Дејвид Финчер, од кој е и позајмен насловот) туку се однесува на интимниот, внатрешен простор, како место на одлука за одлучен пресврт во мислењето.

– Во оваа насока, изложбата можеби треба повеќе да се чита како еден вид експеримент, вежба во мислењето, поттик и обид од мислењето да се направи настан, сила со потенцијал за трансформација и промени, отколку само како поставка на дела што можат, преку понудените уметнички и естетски концепти, длабоко да нѐ допрат и за миг да ја разбудат во нас свеста за опасноста во која се доведовме, и себеси и светот. Зашто, за да мислиме, не треба само да станеме свесни, туку треба да направиме и пресврт. Пресврт во мислењето – вели кураторката.