По месец и половина од отворањето на изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓањето“, во „Чифте-амам“, како што информираат од Националната галерија на Македонија, не опаѓа интересот за нејзина посета од пошироката јавност, поради што времетраењето ѝ е продолжено до 26 април.
– Посебна чест за нас како институција и особено задоволство претставува интересот за изложбата од страна на претставниците на дипломатскиот кор. Деновиве беше реализирана и посета од страна на амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада, со сопругата – истакнуваат од Националната галерија.
Оттаму укажувајќи и дека во таа пригода директорката на Галеријата, Дита Старова Ќерими, го запознала амбасадорот со творештвото на ликовниот уметник Иван Велков и му ја претставила постојаната поставка во Даутпашиниот амам. Исто така била отворена можност за идна соработка меѓу Македонија и Јапонија во сферата на музеологијата и заштитата на културното наследство. На јубилејната изложба на Иван Велков се претставени деведесетина дела од сите творечки фази на овој македонски уметник. Делата се од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност, Скопје, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, од семејството Велкови и од приватни сопственици.