„Жена“ е насловот на тематската изложба на дела од Лидија Саздовска, што ќе биде отворена вечерва (петок 14.9) од 19.30 часот во ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“. Академскиот сликар и ликовен педагог Лидија Саздовска ќе се претстави со 25 -тина дела кои се приказ на нејзиното богатот творештво, создадено во една поширока временска рамка, односно во текот на четири децении.

-Низ годините, како што се развивала, созревала и креирала личноста на уметникот, неуморно следејќи го чекорот на длабоко развиената духовна сетилност и интуитивност, се развивал и уметничкиот сликарски израз. Творештвото на Саздовска е класифицирано во повеќе тематски циклуси. Во секој циклус се воочува постепена промена на ликовната интерпретација на женската фигура и портрет, развиток на структурата на самата композиција, како и функцијата на бојата. Сликарските платна постануваат своевидна интимна приказна, запис, а секој циклус прераснува во мемоар раскажан преку бојата и формата – вели Викторија Димеска, историчар по уметност.

Саздовска, член на ДЛУМ и на ДЛУБ, досега реализирала бројни самостојни и групни изложби, била учесник на повеќе ликовни колонии, а за нејзината педагошка работа добитник е на две награди за педагошки остварувања.

Ка.М.