„Микроманипулации“ e тематската изложба од Владимир Здравески, што ќе биде отворена вечерва од 20.00 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. На изложбата ќе бидат претставени девет дела од уметникот кои се последица на  истражување на микроскопски записи од разни органи  и други ситуации кои се дел oд микросветот.

Причината за создавањето на делатa, вели уметникот, е предизвикот да  извлече некаква микроситуација од микро во  макропросторот.

– Навлегувањето  навнатре, мислам на микросветот, и континуираното ширење ми ја изместија перцепцијата за тоа што е големо и мало, далеку и блиску, микро и макро, сето тоа заедно како еден флуид кој не прекинува.

Секој составен дел од тој свет има своја посебна намена и улога значајна за себе и за целината од која е дел. Исто така секој дел е понесен од некаква енергија за да ја врши таа функција, а истата таa eнергија е и нашата движечка сила. Па така, во мојот случај решив дa бидам таа енергија и дел oд тие микроситуации да ги зголемам за да бидат видливи за човечкото око.

Конопот и јутата кои сами по себе претставуваат груб и крут материјал, се материјали  кои често ги среќавав во мојот живот, бидејќи сум роден во град каде што често се користат за тутунот – вели Владимир.

Владимир Здравески има дипломирано на сликарство на ФЛУ во Скопје. Член е на ДЛУМ од 2002 година. Учесник на повеќе изложби во земјата и во странство, а во 2019 година е добитник на наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во областа на сликарството на ФЛУ.

Ка.М.