Во КИЦ на Македонија во Софија е отворена изложбата „Метакосмија“, на дела на ликовните уметници Ангелина Спировска и Владо Муковски. Изложбата се состои од дваесетина слики, создадени во комбинирана техника, со примена на акрил и смола.
– Многу работи се променија во текот на последната година, се промени и нашата перцепција за светот, на што не останаа имуни ни уметниците. Уметноста повторно се покажа и се докажа како оригинално изразно средство, со кое уметниците покажуваат што гледаат и, што е уште поважно, што чувствуваат. Ваквите (не)прилики нѐ предизвикаа и нас како автори сликари да тргнеме во потрага по друга, за нас подобра стварност, со можност да пронајдеме други светови, па дури и да се изгубиме во нивните меѓупростори, и така барем да се обидеме да допреме до таа недопирлива, таканаречена метакосмија. Тој судир помеѓу моментната опресивна реалност и вечно незапирливата имагинација се преточи во едно патување, кое во целиот свој тек се одвива на границата, односно во судирот или спојот помеѓу едното и другото, и така, со текот на времето, тоа патување се претвори во „метакосмичко“ – велат авторите на изложбата.
Ангелина Спировска е академска сликарка и конзерваторка на ѕидно сликарство. Во 2015 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Жанета Вангели. Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои наградата „Борко Лазески“.
Владо Муковски дипломира на сликарскиот отсек во класата на професор Родољуб Анастасов, каде што и магистрира. Добитник е на наградата „Борко Лазески“. Добитник е на стипендија за усовршување на италијанскиот јазик и култура во Италија што ја доделува италијанската влада. Специјализира во институтот „Палацо Спинели“ во Фиренца, во областа на конзервацијата и реставрацијата на ѕидното сликарство и неговата методологија.