Изложба на триесетина слики на ликовниот уметник Новица Трајковски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Ликовниот салон во Велес. Изложбата носи наслов „Божествен премин“, инспирирана од убавините на Македонија, старите градби и неимарството на нашите стари мајстори и народниот гениј. Како основен мотив се старите камени мостови. Концептот и на оваа изложба е компатибилен со тематскиот циклус изложби „Божествена љубов“.

– Самиoт симболичен наслов на изложбата, „Божествен премин“, термин што влече голем број конотации, покрај физичкиот премин, реферира на поврзување, блискост, поврзување меѓу различни светови, истории, култури, на средба и спој на минато и иднина, средба со духовна светлина, средба со другите, но и со самиот себе. На поголем број слики првично ја перципираме препознатливата форма на мостот, но мостовите не се само оние видливи за нашето око што претставуваат премин од едно во друго место, постојат и многу невидливи за нашето око што претставуваат премин од едно во друго време – вели Елица Николова за изложбата.

Новица Трајковски (1962 година) ФЛУ завршува во Скопје во класата на професорите Родољуб Анастасов и Димитар Кондовски. Има остварено над 40 самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувал и на поголем број групни изложби.