Романот „Последните денови на Ханс“ на македонскиот автор Михајло Свидерски излезе деновиве во издание на „Или-или“. Романот претставува внатрешна борба и дијалог, тек на свеста на еден немоќен старец Ханс, неважна историска личност што му припаѓа на избришаното минато, а која во своето време, била една од најмаркантните личности на векот. Покрај личните рефлексии, кои се основа на новелата, оваа книга имплицира пошироки теми што во гранични етапи на промена донесуваат вознемиреност, но и преиспитувања на сопствените вредности, но и слабости. Генерализацијата на прашањата за моќта, за партијата, за семејството, за бога, за општествениот контекст се сведува на релативизација на сите етички или хумани аспекти разграничени во односот меѓу доброто поврзано со човечката способност за однос кон другиот човек независно од религијата, етничката припадност или нацијата, но и за злото кога станува збор за понижувањата, страдањата, насилството.

Михајло Свидерски (Битола, 1991) прозаист, поет, преведувач. Автор е на неколку збирки поезија, а за романот „Бело и црвено“ (2014), во издание на „Темплум“, ја добива наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис.