Издавачката куќа „Или-или“ деновиве ја издаде новата книга на Ненад Јолдески насловена „Пливање спротиводно“. Станува збор за 168-то издание во популарната едиција „ПРОаЗА“, чие излегување е поддржано од Министерството за култура. Авторот на две книги раскази („Штамата на Енхалон“, 2009 и „Секој со своето езеро“, 2012) и добитник на Европската награда за книжевност (2016) овој пат се јавува со еден краток роман или новела.

Катица Ќулавкова во поговорот напиша: „Ненад Јолдески ги покажува своите вештини на опишување на урбаните и природните амбиенти и пејзажи, особено оние што го сигнализираат нескриено присуството на Струга и струшкото крајбрежје. Тој ни нуди едноставна, но современа нарација што е интимно поврзана со неговото струшко-македонско ментално битие од каде што тој поаѓа во освојување на книжевниот свет и каде што се враќа за да му даде смисла на тој свој свет. Се враќа постојано назад, а всушност продолжува напред, преосмислувајќи ги парадигмите на враќањето врз параболата на јагулите. Раскажувајќи ја македонската сага врз предлошката на јагулите, на Охридско Езеро на Дрим. Река што не исчезнува“.