Деновиве излезе од печат третата книга од едицијата „Трагачи по парадокси“, во која на 385 страници се сместени афоризми од 61 автор од деветнаесет земји од Европа. Книгата содржи над 1.800 афоризми, истата таа излезе во двојазична форма на македонски и на српски јазик, а промоцијата ќе се случи утре на фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ во Домот на културата во Виница, кој наедно е и издавач на оваа книга.

Како и на претходните две книги, кои излегоа во 2018 година, и на третото издание селектор и автор на дел од афоризмите е нашиот најплоден и најпознат афористичар, Миле Ѓорѓијоски.

– Покрај веќе познатите афористичари, кои беа учесници во првиот и во вториот заеднички труд, во оваа книга се вклучени афористичари од Австрија, Германија, Словачка, Чешка, Италија, Шпанија и др. Очекуваме оваа книга да побуди голем интерес кај љубителите на афористиката – истакна Ѓорѓијоски.

Секој од авторите во овој труд е застапен со околу триесетина афоризми.