Одушевен од природните убавини на родното село, економскиот развој во минатото и културните случувања низ годините, наставникот по македонски јазик, Зоран Костески ја издаде првата збирка поезија што му ја посвети на своето село со работен наслов „Чудесна Белица“.

Костески во 43 песни го опеал родното село, кое според неговите зборови е најубавото на светот.

– Отсекогаш родното село Белица ме импресионираше со своите природни убавини, со богатството на дабова и букова шума, двете пенливи реки кои во пролетните месеци со својот жубор ја нарушуваат тишината, многубројните извори и плодните ораници.

Покрај природата ,за убавината на Белица свој придонес дале и дадоа луѓето, бидејќи  во нашето село постоеле повеќе воденици, ковачници, работилници од секаков вид, пилана, влачарница за волна придвижувана од електричната струја произведена од селската централа, прва од овој вид во регионот и земјоделците кои  биле најзаслужни за полните амбари со жито кон крајот на летото – вели Зоран, кој во својата прва збирка поезија пишува и за културните збиднувања кои се случувале и се случуваат во ова село.

– Моите беличани покрај што биле вредни работницитие биле и се многу креативни луѓе, кои во текот на летото ги организирале и организираат традиционалните  Белички средби, за празникот Александрија се организира и општонародна веселба, но и по други културни настани кои Белица го прават повеќе од обично село – додава Костески.

Во сите песни доминира љубовта кон родниот крај со силна порака за светла иднина на родното село. Во сите 43 песни искажан е копнежот и сите што ќе ја прочитаат оваа книга да придонесат да престане изумирање на селото и во што поголем број својата иднина да ја гледаат токму тука и во татковината. Песните се пишувани повеќе години и тоа е сублимат од она што се таложело во неговата душа подолг период. Инаку Костески е писател и поет кој пишува за децата и возрасните а добитник е на повеќе награди за песни објавени во зборникот песни за деца „Распеано славејче“, потоа антологијата „Света песна“ како и во „Стихувалки 2018“. Издавач на оваа збирка поезија е здружението за наука и култура НОВА од Битола.