Издавачката куќа „Феникс“ го објави книжевниот преглед „Нова европска драма“. Во изборот што го направи Христо Петрески се објавени следните автори и драмски текстови: „Оркестар Титаник“ од Христо Бојчев (Бугарија), „Бајка за витезот без коњ“ од Марта Гушњовска (Полска), „Херакле, лудило“ од Криштоф Довјак (Словенија), „Кирил и Методиј, кои сте вие?!“ од Јордан Плевнеш (Северна Македонија) и „А во ноќите лежиме немо“ од Томас Фрајер (Германија).
– Во новата европска драма приказната е едноставна, ликовите се од сегашноста и секојдневието, монолозите и дијалозите се автентични, изненадувачки чисти, директни, природни и неизвештачени. Крајот на драмите најчесто е отворен, како оттргнат дел од животот – парче со срце и душа.

Станува збор за уметнички стилови и правци, кои светот го набљудуваат и прикажуваат како нешто нормално и вообичаено. Сцените се кратки и ударни, нарацијата е сведена на минимум, а репликите се преземени од реалниот свет и живот. Настаните се редат според принципите на филмската монтажа – брзо, молскавично и динамично. Драмите, па и светот, одеднаш и драматично како да стануваат превртено и искривено, а сепак толку многу директно, реално и метафизичко огледало – вели во предговорот на книгата, со наслов „Нови драмски бродови во немирни и брзи води“, составувачот Петрески.
Овој најнов книжевен преглед на новата европска драма веруваме ќе биде убав исчекор и полезно, практично и неопходно драматуршко четиво. Инаку, издавачката куќа „Феникс“ претходно ја објави и книгата „Нова европска проза“, а следуваат изборите „Нова европска поезија“ и „Нов европски есеј“, како дел од едицијата „Европски книжевни видици“ на проектот „Прозорец кон Европа“. Книгата е објавена со материјална поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.