Од печат излезе книгата на Наташа Диденко со наслов „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации во Македонија“ том 1. Оваа книга произлегува од повеќегодишните проучувања на темата, која има значајно место во културната историја на Македонија. Книгата има 281 страница, низ кои се претставени научни резултати за една досега малку обработувана тема во нашата наука.

– Оваа книга претставува прво досега монографско презентирање на историјатот на културно-уметничките друштва во Македонија, за чија цел вложив огромен труд во собирање и обработка на материјали, врз чија основа направив реконструкција на оваа културна дејност во земјава до 1991 година – вели авторката.
Наташа Диденко во 2017 година ги завршува докторските студии на Институтот за национална историја во Скопје. Покрај редовниот ангажман во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, таа е активна и на полето на музиката како виолинистка. Има одржано концерти во престижните европски градови како Берлин, Париз, Бремен, Марсеј, Софија, бележи настапи и во повеќето градови во земјава.