Денеска од печат излезе книгата „Трагачи по парадокси“, од едицијата Балканска сатира, дело на дваесет автори од шест земји од регионот: Бугарија, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Романија. Оваа книга својата Балканска промоција ќе ја има кон крајот на месецов, истовремено во Белград и Темишвар.

-Денес од печат излезе четвртата книга од едицијата Балканска сатира „Трагачи по парадокси“, дело создадено од дваесет автори од шест Балкански земји. Секој од авторите во оваа книга е застапен со 100 афоризми или книгата содржи вкупно 2000 афоризми. Темите на афоризмите се вообичаени, спорт, машко–женски односи, екологија, економија, еротика и детски афоризми – истакна Миле Ѓорѓиоски, еден од авторите на оваа книга и нејзин уредник и ги најави нејзините скорешни промоции во земјава и на Балканот.

– Промоцијата на оваа книга ќе се случи на 23-ти овој месец во Виница на фестивалот „Ин веритас Виница“, кој по 25-ти пат се одржува во овој град. Додека балканската промоција ќе се случи на 27 октомври во два града, на Белградскиот саем на книгата и во Темишвар, Романија и потоа овој труд ќе биде промовиран и низ републикава – додаде Ѓорѓиоски.

Издавач на оваа книга е домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница.

З.А.