Во издание на „Бата прес“ излезе од печат лексикографското издание „Мал речник на туѓите зборови во македонскиот јазик“ од Толе Белчев, Снежана Веновска-Антевска и Елена Јованова-Грујовска. Објавувањето на речникот е помогнато од Министерството за култура.

Речникот е „мал“ само по тоа што ги содржи најчесто употребуваните зборови од другите јазици (англиски, германски, француски, латински јазик), а не и од јазиците на соседите (српски, бугарски, албански, турски, грчки), а авторите – угледни лингвисти и универзитетски професори најавуваат дополнети и нови изданија од овој вид. „Малиот“ речник е толковен и има 550 страници, голем формат.

– „Малиот речник на туѓите зборови во македонскиот јазик“ е текст наменет за сите возрасти, особено за помладите, кои се среќаваат секојдневно со непознати зборови или со зборови што ги прочитале или ги слушнале некаде и не им го знаеле точното значење. Потоа во различни пригоди и од различни причини сосема несоодветно ги употребуваат тие зборови. Оваа книшка е потсетник за таквите зборови за да се употребат онаму каде што е потребно и соодветно. Овде е направен избор од непознати туѓи зборови што се употребуваат често – пишуваат авторите во воведот на делото. При тоа нагласуваат дека дел од зборовите „потекнуваат од други јазици, а дел од нив можат да се јават како нови од соодветниот јазик“.

– Оние што потекнуваат од други јазици се поставени како туѓи, странски зборови, а ако ги има во повеќе јазици тие се јавуваат како интернационализми – велат рецензентите на речникот, Максим Каранфиловски и Маќеј Кавка.