Деновиве од печат излезе најновата книга поезија на битолчанецот Панде Манојлов, насловена „Песни за Палестина“, која содржи шеесетина песни исклучиво посветени на Палестина и страдањата на палестинскиот народ под окупација и неуморната борба да дојде до слобода. Првата песна посветена на Палестина, Манојлов ја објави во септември 1982 година во весникот „Нова Македонија“, инспириран од крвавите напади на палестинските логори „Сабра“ и „Шатила“, во кои беа убиени и ранети илјадници Палестинци.

– Песната веднаш беше препеана на арапски јазик од тогашниот скопски студент од Палестина, Абас Абделкарим, и објавена во четиринаесет држави од арапскиот свет. Другите песни се напишани во последните триесетина години – вели Манојлов.

Панде Манојлов е автор на дваесет и осум книги поезија и проза, дел од неговите песни е објавуван на повеќе јазици во светот. Манојлов е член на Друштвото на писателите на Македонија, како и на Македонското научно друштво-Битола.