Професорот по македонски јазик и книжевност Милош Смиљановски, кој е во пензија, го одбележи својот 80-ти роденден со збирката раскази „Гостијарци за незаборав“ – втор дел, посветена на академиците Харалампие и Момо Поленаковиќ, негови соседи и куќни пријатели. Книгата е продолжение на првата збирка раскази, издадена во 2015 година.
Книгата е поделена во два дела: „Ах, љубов, љубов“ со пет раскази и „Живот, љубов и случки“ со 16 раскази, распослани на 213 страници. За љубовта нема граници, нема пречки, секогаш победува и во време и во невреме, а тоа го потврдуваат петте љубовни раскази, кои се случиле во време на војната и по неа, низ гостиварските калливи сокачиња, на брегот на реката Вардар.
Дејството на расказот „Петра и Петрит“ се одвива во Гостивар, некоја година по Втората светска војна. Секретарот на гостиварскиот општински комитет ги информира соработниците дека во посета ќе им дојде чета војници од Албанија. Петра, партизанка, вработена во општинскиот комитет, добива задача да го прочита поздравниот говор и да говори за интернационализмот на нашата земја, за братската љубов кон сите народи, а особено љубовта кон блискиот албански народ, а на главниот офицер да му подари букет со цвеќе. Тој, мајор на албанската војска од градот Корча, го прима букетот цвеќе и очите не може да ги тргне од убавата Петра. Вечерта на игранката во Соколаната, мајорот танцува со Петра, ги изразуваат првичните чувства… Ова е накратко содржината на еден од расказите во книгата.
Авторот Милош Смиљановски на читателите им порачува: „Помнете го минатото, почитувајте ја сегашноста и градете нови односи за иднината што ќе ве направат посреќни“. К.К.