„Великата лирска песна“ е насловот на новата поетска книга од истакнатиот македонски поет Санде Стојчевски, објавена во издание на „Дијалог“ од Скопје. Стихозбирката се појави во реномираната едиција „Синтези“ и во неа се објавени 70 песни поделени на шест циклуси, како и арспоетички текст на авторот, под наслов „Еден можен пат“.
– Најновата поетска книга на Стојчевски носи ист наслов како и две негови претходни книги со критичка и есеистичка проза, но сега се работи за поетски ракопис, кој се повикува на поранешните, исто озаглавени книги, за да ја нагласи комплементарноста на теориските поставки во нив и на лирската практика на авторот. Ова дело е резултат на неговото повеќедецениско промислување на природата на лирското писмо и на проверка на поетичките разбирања што ги формулирал во својата критичка и есеистичка проза и ги практикувал во непосредното поетско творештво. Во таа смисла, оваа негова книга е еден вид сумарум на неговиот темелен однос спрема уметноста на поезијата… Хронолошки, во јазичен поглед, поезијата во оваа книга се остварува преку црковнословенските слоеви, песни испеани на дијалект и, конечно, на стандарден македонски јазик. Оваа креативна лирска линија се темели на врз динамичниот развој на основниот материјал на лирската продукција – јазикот – вели издавачот.
Санде Стојчевски е автор на 18 поетски збирки, како и на 17 книги со поетички текстови, есеи, критики и полемики. Објавени се осум избори од неговата поезија и есеистика во Македонија.