Македонската виолинистка Наташа Диденко, настапи на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, Бугарија, како претставник на државата во музичкиот дел. Диденко имаше соло-концерт во Археолошкиот музеј.

-За првпат настапив на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, Бугарија. Помеѓу многубројните локални посетители, на концертот, имаше гости и од Франција и Русија. Концертот се одржа во единствениот амбиент на археолошкиот музеј, каде има предмети и археолошки ископини стари и по 2000 години. Домаќините презадоволни од мојот настап, ме поканија да гостувам и во други прилики, како во самото летовалиште, така и во други градови и летовалишта во земјата – истакна Наташа Диденко.

Таа нагласи дека овој соло концерт е организиран со поддршка на Културно-информативниот центар на нашата земја во Софија.

Покрај концертот на Диденко, на фестивалот со свои дела се претставија четворица ликовни уметници од земјава, а беа прикажани и три краткометражни филмови за Охрид, Струга и Крушево.

Зоран Антоски