Со избор на четири нови идеи за снимање краток документарен филм заврши првиот дел од филмската работилница „Докуникулци 2018“, на која учествуваше втората генерација млади вљубеници во документарните филмови. Работилницата се одржа како дел од патувачкото кино на „Македокс“ и фестивалот за процесирање култура „ДримОН“ во Струга.

На сесијата за избор на нови идеи учествуваа осум докуникулци од втората генерација и шест докуникулци од првата генерација. Со гласање на сите учесници во филмската школа и на екипата на патувачкото кино на „Македокс“ беа избрани идеите со работен наслов „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Розе Симоновска, „Скопска ситуација 2018“ на Анастасија Павловска, „Прстот горе“ на Марија Матеска и „Лог аут“ на Рамона Кочишки.

Претходно, двете генерации докуникулци на „Македокс“, во периодот од 21 до 28 јули, имаа работни сесии со кои раководеше Петра Селишкар, селекторка на филмската програма на „Македокс“, на кои ги сознаа неопходните информации за снимањето на документарните филмови, од откривање на приказната и изборот на протагонистите до работа со камера, светло, звук, сценографија, монтажа, режија и продукција. Во работните сесии беше вклучена екипата на „Македокс“.