Првото издание на Галичник Филм Фестивал, кое се одржа онлајн изминатиот викенд (28-30 август), понуди програма од 50 краткометражни филмови од цел свет. Овој нов културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања.

Филмовите беа бесплатни за гледање, а од фестивалот најавуваат дека, поради големиот интерес, ќе претстојат и ревијални емитувања на победниците. Жирито во состав Теона Стругар Митевска, Дина Дума и Наум Доксевски ги додели наградите за најдобрите филмски наслови.

Наградата за најдобар краткометражен игран филм е доделена на „Мутирано” во режија на Фам Тиен Ан, кој минатата година се закити со награда на Канскиот филмски фестивал за филмот „Остани буден, биди подготвен”.

– Супер одиграна и претставена приказна, во смисла на раскажувањето, како и начинот на кој е користена кинематографската форма, предизвкувана и истражувана. Ни се допадна „тишината” и минималистичката употреба на кино-јазикот, сè со цел засилување на доживувањето. Филмот се занимава со важни општествени теми: модерноста урната против традицијата и очекувањата од поединецот – нè потсетува дека светот и покрај сè продолжува да се движи – Изјави Теона Стругар Митевска.

Наградата за Најдобар краткометражен анимиран филм ја доби „Санта мраз” во режија на Метју Барб, Демиен Девин, Виктор Хае.

– Ова беше единствената награда која жирито едногласно ја додели. Едноставно го гледаш анимираниот филм и ти ја топи душата. Филм кој е важен поради начинот на кој е направен, прекрасниот стил на анимација, кој е контрапункт на тешката темата која ја обработува, и пред се` темата која ти создава голема тага и на еден суптилен начин те потсетува дека човекот не е над природата – изјави Дина Дума.

Наградата за Најдобар краткометражен документарен филм замина кај „Забрането плачење на масата за вечера” во режија на Карол Нујен.

– Потребно е многу храброст да се зборува за приказните кои се потиснати и оставени нераскажани, посебно кога тие го засегнуваат целото семејство. Храброст е потребна да ја снимаш сопствената фамилија, да ја соголиш нивната душа пред камерата и да продолжиш да снимаш без разлика колку тоа и да боли. Најчесто најблискиот ни станува најдалечен, и токму затоа овој документарец е важен, да нѐ потсети дека треба да зборуваме со најблиските, колку и да боли тоа затоа што повеќе боли ако работите останат некажани – изјави Дина Дума.

Жирито додели Специјално признание на „Девојка убиец, вистинска приказна” во режија на Диана Галимзјанова, која најавува и долгометражно издание на истиот наслов.

– Уживавме во хуморот, интелигенцијата и размислувањето за актуелните тенденции во филмот: светот на интернет-очекувањата, културата на славните блогери, виртуелниот свет позициониран наспроти реалноста, обичните жена и маж, нивните потреби и завидливости. За поздрав е слободата на режисерката во мешањето на жанровите. Се поставува прашањето дали е игран или документарен филм. Ние велиме игран – изјави Теона Стругар Митевска.

Специјално признание беше доделено и на краткометражниот „Ќе завршам во затвор” во режија на Александар Дости.

– Одлично избраниот каст, решителноста во карактерот на Морин заедно со импресивната фотографија го прават овој филм супер возбудлив за гледање – изјави Наум Доксевски.

Галичник Филм Фестивал е во организација на Дарма Филм, во соработка со Месна Заедница Галичник. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија.

Догодина, фестивалот се враќа на својата основна идеја за организација на проекции под отворено небо во прекрасниот Галичник.