Жири-комисиите составени од истакнати писатели, литературни критичари и есеисти ги донесоа одлуките за добитници на традиционалните награди на Друштвото на писатели на Македонија за книжевната продукција во изминатата 2018 година.

Според одлуките на комисиите, соопштени вечерва, наградата „Стале Попов“ ја добива романот „Маџун“ на Влада Урошевиќ, Виолета Танчева-Златева ја добива наградата „Ацо Шопов“ за поетската збирка „Патот“, за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“ Лидија Капушевска-Дракулевска ќе ја понесе наградата „Димитар Митрев“, наградата „Ванчо Николески“ оди во рацете на Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ и наградата „Мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија ја добива Рифат Емин за поетската збирка Bi-nihauet (Без-конечно) на турски јазик.

Комисиите работеа во состав: Лорета Георгиевска-Јаковлева (претседател) и Кристина Николовска и Оливера Ќорвезироска (за проза); Владимир Мартиновски (претседател) и Вања Изова-Велева и Благој Самоников (за поезија); Васил Тоциновски (претседател) и Анастасија Ѓурчинова и Јагода Михајловска-Георгиева (за критика и есеистика); Киро Донев (претседател) и Мито Спасевски и Фејзи Бојку (за литература за деца) и Гордана Стојковска (претседател) и Октај Ахмед и Делвина Крлуку (за книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија).

Наградите ќе бидат врачени на свеченоста што ќе се одржи на 13 февруари во просториите на Друштвото, во знак на одбележување на 72-рата годишнина од основањето на писателската асоцијација.

Во конкуренција за петте награди на конкурсот распишан во текот на декември, минатата година беа поднесени вкупно 61 книжевно дело.