Со изборот од поезијата „Дождови – 90 песни“ од Матеја Матевски, приреден од поетот Раде Силјан, вчера во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ во Скопје, книгоиздателството „Матица македонска“ ја одбележа деведесетгодишнината од раѓањето на големиот македонски поет. За богатиот опус на Матевски и за неговото значење во современите текови на македонската литература говореа академикот Витомир Митевски и писателот Паскал Гилевски. Стихови читаа македонски писатели, следбеници на неговото дело, а свеченоста ја збогатија македонските музички виртуози Драган Даутовски и Васил Атанасов.