Студентите што ќе се запишат на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во претстојната академска година ќе имаат можност да добијат образование и обука што ќе им овозможат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Наставниот кадар е меѓународно етаблиран, со големо искуство и знаење стекнати преку реализираните уметнички изложби и соработката со светските галерии и музеи, како и со сродните образовни, научни и културни институции во земјава и во странство. ФЛУ располага и со сите потребни капацитети за образование на студентите. Дејноста на ФЛУ се реализира во специјализирани простории (17 ателјеа и 12 лаборатории), со современа опрема и алати, каде што студентите ќе работат според акредитирана програма, која кореспондира со научните методи и техники што се применуваат на светски познатите универзитети. Студентите имаат на располагање и модерен компјутерски центар за настава по стручните уметнички предмети, како и библиотека со богат фонд.
Идните уметници ќе можат слободно да ги изразуваат своите креативни идеи преку разни форми на уметноста, под менторството на наставниот кадар, кој активно учествува во поттикнување на истражувачкиот процес во наставата.

Факултетот традиционално спроведува и активности за изложување на делата преку организирање годишни студентски изложби, изложби на дипломци и постдипломци, проследени со корисни предавања за студентите, со акцент на творештвото на авторите или, пак, на одредена ликовна сцена.
ФЛУ настојува да се усовршува, да воведува новитети и да ги следи светските трендови, како и во досегашниот тек од четиридецениската дејност, соработувајќи со сродни образовни, научни и културни институции во земјата и во странство, за да им го понуди најквалитетното образование на студентите. Преку проектите спроведени во соработка со партнерските факултети, се врши размена на македонските и странските студенти и професори, се приспособуваат студиските програми на најдобрите од болоњскиот процес, со воведување современи форми на студирање, како и преку реализирање на постдипломските студии по примерот на европските уметнички факултети.
Во рамките на ФЛУ се реализираат студиски програми по сликарство, вајарство, графика и по ликовна педагогија. Пријавувањето (доставувањето документи) за упис ќе се врши електронски, преку интернет-страницата www.upisi.ukim.mk. Полагањето на приемните испити е од 30 август. М. Ж.