Претставата во режија на Благој Мицевски ќе биде одиграна вечерва на сцената на Кралскиот театар – Зетски дом

„Зошто остануваме во провинција“ е насловот на театарската претстава, која во режија на Благој Мицевски, вечерва, премиерно ќе биде одиграна на сцената на Кралскиот театар – Зетски дом во Цетиње. Деновиве во списанието „Позориште“ на Никшиќко позориште, за подготовките на претставата, меѓу другото можеше да се прочита дека овој проект собрал добар авторски тим, со многу младешка енергија и талент.

– Претставата е инспирирана од краток есеј на Мартин Хајдегер и драматизација на „Три сестри“ од Чехов, која ја направи познатиот драматург од Цетиње, Стела Мишковиќ. „Зошто остануваме во провинција“ не е само наслов на претставата туку и главната тема околу која се испреплетуваат судбините на трите сестри и нивниот брат заглавени некаде во некоја провинција со еден заеднички сон – да се вратат во Москва затоа што Москва е решение на сите нивни проблеми. Но дали е тоа навистина така или Москва е само еден мит за среќа, за која толку многу сонуваме и си ја посакуваме, а ја нема ни тука ни таму? – изјави деновиве режисерот Благој Мицевски.

Тој посочи дека во процесот на работа со прекрасната екипа актери: Ана Вујошевиќ, Марија Ѓуриќ, Марија Лабудовиќ и Омар Бајрамспахиќ, создале и документарно одговарале на повеќе прашања, кои се однесуваат на животот во провинција, за уметникот и моќта на театарот во неа, за дилемите дали да се замине или да се остане, што е една и од најактуелните теми во регионот итн.

– Така е создадена претставата за распадот на едно граѓанско семејство, за очекувањата, за илузиите, за осаменоста… звучи познато? Јас како што и неколкупати претходно сум напоменал, целиот свој живот и дело ги посветив на тоа да докажам дека се може и од провинција, исклучително ја ценам и ја поддржувам истата идеја и работа на уметничката директорка Лидија Дедовиќ. Таа успеа во Цетиње да ги донесе најзначајните режисери од регионот и на површина да го исфрли Кралскиот театар во кој навистина се создаваат едни од најдобрите претстави што сум ги гледал последните години, кои, пак, на овој театар му донесоа многу успеси и негова интернационализација. Таа своевидна мисија во театарот што на некој начин ја спроведував и јас во Битолскиот театар за време на својот мандат како уметнички директор, ги спои нашите идеи и енергии, кои доведоа до реализација на овој проект, кој се надевам ќе има долг и успешен живот. Сценографијата за претставата ја направи Валентин Светозарев, а музичка соработничка и корепетиторка за музиката, која трите актерки ја изведуваат во живо на пијано, е Вера Николиќ, и двајцата големи и признаени уметници во регионот без чиј несебичен ангажман таа претстава немаше да изгледа и да звучи вака. Се надевам дека публиката во Македонија ќе има можност во иднина исто така да ја погледне претставата на некое евентуално гостување кај нас – рече Мицевски. Ана Вујошевиќ во едно од своите интервјуа напоменува дека уживала во процесот на правење на претставата.

– Благој е чудесен, на убав начин ни соопштува што би сакал и да види и да чуе. Не се занимаваме со интегралната верзија на текстот туку со некој вид експеримент, кој навистина е актуелен, со она што провинцијата значи во својата суштина. Провинцијата не мора нужно да биде врзана само за малата средина и за мал град, туку едноставно привинциска свест и провинциски навики имаме секаде. И во големите градови и во различни средини во кои се чини дека не е така. Мислам дека на луѓето ќе им биде и блиско и интересно и разиграно и тажно, но и поучно – изјавила актерката за тамошните медиуми, напоменувајќи дека типично за провинцијалците е секогаш да се жалат, дека тие луѓе не бараат решенија и со текот на времето нашле уживање во жалењето.