Карневал на руски начин. Во класичната „Оревокршачка“ има околу 150 различни костими. Цвеќиња, играчки, оловни војници, снегулки, вили, глувчиња… Потребни се над педесет луѓе зад сцената за да се облече сета таа мала балетска армија. Дури и конфетите се бројат во килограми: за ефектен танц на снегулките се потребни најмалку дваесет килограми, ова се некои од деталите што ја прават оваа претстава неодолива

По повод новогодишните празници, Националната опера и балет и оваа година на сцената ја поставува најпопуларната празнична балетската претстава „Оревокршачка“, а поради големиот интерес, најавени се четири изведби, по вчерашната ќе следуваат уште три, в сабота, недела и в понеделник. Претставите на 25 и 29 декември се наменети за најмладите и се со почеток во 12 часот напладне, додека претставите на 28 и 30 декември се со почеток во 20 часот, со оркестарот, балетски првенци, балетски солисти, балетскиот ансамбл како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Диригентка е Бисера Чадловска.
Зошто на публиката никогаш не ѝ е доста од балетот „Оревокршачка“? На ова прашање одговорот од Националната опера и балет е дека станува збор за едно од најпопуларните и најизведувани дела, на сите светски сцени по музика на Петар Илич Чајковски.

– Волшебна балетска авантура за сите возрасти. Новогодишно-божиќна бајка, која мириса на снег, карамела и на цимет. Обоена е со црвено, златно и со бело – тоа е тајната на балетот.
Приказната ја има измислено германскиот романтичар Ернст Теодор Амадеус Хофман и првпат ја објавил во Берлин во 1816 година, а во француски манир во 1844 година ја прераскажал Александар Дима Постариот, за по 48 години Петар Чајковски да ја преточи во музика, а на балетската сцена ја поставува легендарниот Мариус Петипа. Оттогаш „Оревокршачка“ е еден од најпопуларните балети на светот. Идејата за создавање на балетот „Оревокршачка“ му паднала на ум на чиновникот на Императорските театри Иван Всеволжски кон крајот на 19 век. Тој во приказната за девојчето и за оревокршачката видел тема за идна балетска претстава. На почетокот „Оревокршачката“ била прикажана во една претстава по операта на Петар Чајковски „Јоланта“, а потоа гледачите имале можност да ја гледаат како посебно дело на еден автор.

Балетот бил премиерно изведен на 18 декември 1892 година во Мариинскиот театар во Санкт Петербург. На сцената биле сите ученици на театарската школа на императорската трупа. Ги играле сите улоги, од главните до „децата околу елката“, кои се и природни за таа возраст. Сите млади изведувачи од Чајковски добиле по кутија бонбони, а балетот добил нова традиција на млади изведувачи на сцената. На првата изведба на „Оревокршачката“ премиерно засвирела и челестата – сосема нов инструмент во тогашна Русија. Однадвор гледано тоа е минијатурен клавир со метални плочки наместо жици. Инструментот од Париз го донел лично Петар Чајковски и тоа го чувал во тајност со намера на премиерата на публиката да ѝ приреди изненадување. И навистина успеал во тоа. Звуците на челестата се „топат“, следејќи ја „возрасната“ и технички дотерана игра. Најважната споредна улога во „Оревокршачка“ е Шеќерната Вила. Дури и пред сто години господарката на слатките морала да прави 16 фуетеи. Првпат во оваа улога на руската сцена излегла италијанската примабалерина Антониета Делера.

– Карневал на руски начин. Во класичната „Оревокршачка“ има околу 150 различни костими. Цвеќиња, играчки, оловни војници, снегулки, вили, глувчиња… Потребни се над педесет луѓе зад сцената за да се облече сета таа мала балетска армија. Дури и конфетите се бројат во килограми: за ефектен танц на снегулките се потребни најмалку дваесет килограми – ова се некои од деталите што ја прават оваа претстава неодолива.

Во 20 век „Оревокршачка“ станува класика во оној облик во кој во театарот „Бољшој“ ја поставил Јуриј Григорович, а еталонот во изведувањето на дуетот на Маша и на Принцот биле Екатерина Максимова и Владимир Васиљев – позната балетска брачна двојка. Тие ги играле овие улоги со голема страст. Според Григорович, Васиљев својата улога ја танцувал идеално. Максимова, пак, вo буквална смисла од Снегулка дораснала до Маша. По револуцијата од 1917 година, „Оревокршачката“ е „извезена“ од Русија, како дел од таканаречената Колекција на Сергеев, која се состоела од 27 снимки на претстави на Петипа со непроценлива вредност. Имено, главниот режисер на балетската трупа на Мариинскиот театар Николај Сергеев ја напуштил земјата и со себе ги однел раритетите. Партитурите се чуваат на Харвардскиот универзитет, а балетот станува популарен во целиот свет.

Балетот „Оревокршачка“ е исклучително витален. Само на сцената на театарот „Бољшој“ е поставен над 500 пати. Оваа новогодишна сказна се прославила и во странство благодарение на руско-американскиот кореограф Џорџ Баланчино, кој во 1954 година подготвил спектакл за „Њујорк сити балет“. Во екранизацијата според неговото сценарио во 1993 година Принцот го игра миленикот на баланчинската балетска школа и познат глумец Меколи Калкин. По спектаклот на Баланчино оревокршачката манија го зафати сиот свет. Фантазијата на новогодишна тема се поставува на сцените на разни земји од кореографи како: Рудолф Нуреев, Михаил Баришников, Морис Бежар и Метју Борн.