Изложбата „Архитектонски илустрации“ на Зоран Кардула ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Музејот на градот Скопје.

– Оваа моја изложба се реализира во соработка со Биеналето на македонската архитектура (БИМАС), кое годинава ми понуди да ги дизајнирам плакатот и брошурата за биеналето. Познати им беа моите илустрации, кои се плод на мојата инспирација од архитектурата во времето на социјализмот, со посебен акцент на спомениците. Споменици што му пркосат на времето и зрачат со својата авангардност. Со задоволство ја проучувам целата естетика од времето на СФРЈ – вели Кардула.
Неговите илустрации се објавени и на познатиот сајт „Боред панда“.

– На изложбата ќе бидат претставени 26 дела (илустрации во минималистички стил). Целта е да се прикаже убавината на тие градби со кои треба да сме горди – вели Кардула.