Во пресрет на денот кога пред 85 години е роден Томислав Зографски (29.3.1934-14.1.2000) размислував низ чии сеќавања да го претставам, зашто свои спомени со него јас немам. За жал, ја немав таа среќа да ми предава на ФМУ, па Професорот (големото П е намерно) не можам да го наречам „мој професор“; немав ни среќа со него да соработувам на изведбата на некое негово дело. Во сеќавањата на оние што ја имале таа среќа, тој е најстрогиот и најправичен професор; страв и трепет, а истовремено најдобар пријател. Во срцето на неговата сопруга тој е (парафразирам) „исклучително емотивен, но затворен, голем, а крајно скромен човек, длабоко посветен на семејството, студентите и музиката“.

На крајот решив ова да биде приказна за студентот Зографски, инспирирана од писмата што неговиот професор од Белград, Миленко Живковиќ (1901-1964), му ги пишувал меѓу ноември 1960 и мај 1961 година, а се однесуваат на дипломскиот труд на Зографски – „Фантазија корале“, неговата прва композиција за голем симфониски оркестар.

Зографски, педантен каков што бил, ги зачувал писмата како скапоценост. Тие се скапоценост и за нас, почитувачите на неговото дело. Во нив професорот Живковиќ на младиот Зографски му дава упатства како да го дообликува делото. Го насочува кон „Симфонијата на псалмите“ од Игор Стравински (еден од вечните идоли на Зографски) и музичката библија – „Добро темперираниот клавир“ на Јохан Себастијан Бах. Барањата на професорот се опсежни и обемни, зашто Зографски бил вонсериски талентиран студент. „Јас од тебе секогаш очекував многу“, пишува Живковиќ, „оттука и за дипломскиот испит очекувам многу повеќе отколку од некој просечен кандидат… Затоа – на работа!!!“

Зографски многу го почитувал мислењето на професорот, но истовремено сакал да остане верен на својата замисла за Фантазијата, па не ги послушал сите совети што ги добил.

Во последното писмо, пред одбраната на трудот, проф. Живковиќ напишал: „За жал, од полифонијата, за што како модел ти ја препорачав Баховата фуга во Цис-мол, нема ни трага ни глас. Ако така сакаш, нека ти биде! Но, штета е!“ (Историјата ни покажа дека не било штета, зашто „Фантазија корале“ доживеала светска слава, со многу изведби на повеќе континенти.)

Бескрајна благодарност до Панда Зографска Беличанец за подарените сеќавања и спомени.

Лада Шоптрајанова Петровска