Ансамблот за народни песни на пензионерите од Свети Николе постигна значаен меѓународен успех откако на интернационалниот фолклорен фестивал во Ќустендил, Република Бугарија, освои Специјална награда на жирито. Жирито на фестивалот го оцени настапот на светиниколските пензионери како “оригинална изведба која инспиративно ја следи базичната фолклорна линија на народното творештво“.

Овој бугарски фестивал иако нема толку долга традиција бидејќи годинава во јули се одржа по дванаесетти пат, успеа во кус период да прерасне во една од помасовните културни манифестации во регионот на која своето фолклорно творештво и традиција ги презентираа над 60 фолклорни друштва на пензионерите од целиот регион, како и од неколку земји на Европа.

-Овој успех на фолклорниот ансамбл потврди дека нашите пензионери несомнено поседуваат креативни уметнички потенцијали. За да се активираат тие потенцијали секогаш е потребна добра волја, и секако напорен ангажман на што ние во Здружението посветуваме големо внимание – вели Никола Атанасов, претседателот на Здружението на пензионерите.

Фолклорниот ансамбл на пензионерите од Свети Николе иако постои само две години во изминатиот период оствари завидна активност гостувајќи на разни културни манифестации во повеќе градови во државата.

Т.Г.