Визуелниот уметник Лазе Трипков е добитник на наградата „златна пчела“ за неговиот плакат „Баухаус 100“ во Москва, Русија. Станува збор за голема интернационална кампања посветена на движењето „Баухаус“, на која со свои дела учествуваа уметници и графички дизајнери од повеќе земји. Трипков е единствен претставник од Македонија, а наградата ја добија и уметниците Олег Коритов од Русија и Кристоф Стетлер од Швајцарија.
Лазе Трипков е вонреден професор на Меѓународниот балкански универзитет и е основач на „Плакарт“ и „Скопје постер-фестивал“. Трипков е и поранешен директор на Музејот на современата уметност, иницијатор и куратор на голем број меѓународни проекти и изложби, како и коосновач на Скопската недела на дизајн и член на одборот на Варшавското биенале на плакат.