Вечерва, во 19 часот, во рамките на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, ќе се одржи концерт на пијанистот Емануеле Арчиули, еден од најоригиналните изведувачи на денешната класична музичка сцена. Концертот е поддржан од италијанската амбасада и од амбасадорот Карло Ромео. Репертоарот на Арчиули го сочинува разновидна музика, од Бах па до современата музика, со силен афинитет кон композиторите од САД.

– Неговиот концерт во Скопје е дел од зимската понуда за љубителите на класичната музика, а тенденцијата е светски познати уметници да ја збогатуваат културната понуда на фестивалот, не само во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, туку и во текот на другиот дел од годината – велат од дирекцијата на фестивалот.

Во рамките на фестивалот минатиот месец во црквата „Света Софија“ се одржа концерт на исклучително талентираните млади руски музичари, пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко.

Инаку, Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се „Берлинскиот фестивал“, „Виен Модерн“, „Ла Скала Милано“, Биеналето на Венеција, „Фестивалот за пијано“ во Мајами, театарот „Милерб“ во Њујорк, „Маџо Музикале Фиорентино“, фестивалот на камерна музика „Санта Фе“, како и на меѓународните фестивали за пијано во Бреша и во Бергамо. Во мај 2011 година му беше доделена најважната награда на италијанската критика „Премио Франко Абати“.

Арчиули предава современа музика на „Академија ди Пинероло“, професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест визитинг-професор на многу американски универзитети.