Друштвото на ликовните уметници на Македонија, под покровителство на Министерството за култура и градот Скопје, а во соработка со Националната галерија на Македонија, го отвора 18-то издание на „Зимскиот салон“, кое ќе се одржи на 3 февруари во „Чифте-амам“, со почеток во 20 часот. Селектор на годинашната изложба е македонскиот историчар на уметноста Кирил Пенушлиски, а зададената тема гласи „Првиот грев – првата доблест“.

На изложбата ќе учествуваат: Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Кирил Гегоски, Тања Балаќ, Марјана Костојчиноска Узунчева, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Борче Богоевски, Илина Арсова, Филип Фидановски, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Виолета Чаповска и Слободан Живковски.

Од кураторот на изложбата „Зимски салон“ како поканет гости ќе се претстави уметникот Алекандар Зафировски.

„Зимскиот салон“ на ДЛУМ е врвна ликовна манифестација и единствена од тој вид во нашата земја. Замислена и основана во 1991 година како ликовна посебност со свои правила и критериуми и прифатена во културниот живот со огромен интерeс и голема медиумска поткрепа.