До 20 јули беше отворена изложбата ,,Скопската тврдина - симбол на градот“

Од музејот, каде што беше отворена изложбата ,,Скопската тврдина – симбол на градот“, ќе бидат презентирани дела на Франтишек Топиќ, пионер на фотографијата во БиХ

Земаљскиот музеј од Сараево идната година во Музејот на градот Скопје ќе гостува со изложбата „Меѓу две империи: Босна и Херцеговина на фотографиите на Франтишек Топиќ 1894 – 1918“, која се смета за една од најрепрезентативните изложби на овој музеј, каде што до 20 јули беше отворена изложбата ,,Скопската тврдина – симбол на градот“. Изложбата од Сараево ќе содржи избор од најинтересните, претходно, главно необјавувани фотографии на Топиќ, Чехот, кој голем дел од својот работен век го поминал токму во Земаљскиот музеј, во чиј Павилјон за етнологија беше поставена изложбата за скопската тврдина на Музејот на градот Скопје, отворена на 22 јуни.

Франтишек Топиќ (1858 – 1941), работел во сараевскиот музеј прво како архивски чиновник, а потоа и како библиотекар, секретар и фотограф. Земаљскиот музеј на Босна и Херцеговина (БиХ) од своето основање, заедно со основната музејска и научноистражувачка дејност на полето на археологијата, етнологијата и природните науки, системски собира, обработува и архивира фотографии, негативи и филмови и претставува неизбежна база и почетна точка за секое посериозно истражување на историјата на фотографијата во оваа земја.

Во таа огромна база, како што напоменуваат од музејот, најзначајно место зазема раритетната збирка со повеќе од 6.000 негативи на стаклени плочи, која датира од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Како најголем и содржајно најважен дел на наведената збирка се издвојува корпусот од околу 5.000 негативи обединети со потписот на Топиќ, кој се смета за еден од најистакнатите пионери на фотографијата во БиХ. Тој во тоа време забележал мноштво детали – носии, обичаи, свечени приоди и моменти од секојдневниот живот на тогашните нејзини жители на фотографиите, кои денес претставуваат непроценливо културно наследство.

Се очекува заедно со изложбата „Меѓу две империи: Босна и Херцеговина на фотографиите на Франтишек Топиќ 1894 – 1918“ да биде претставена и истоимената фотомонографија во издание на Земаљскиот музеј, кој се смета за место на мултикултурност, неминовен допир на минатото и сегашноста, претставено од праисторијата, античкиот и римски период, средновековието, традиционалната културна ризница, Сараевската хагада и сл..

Музејот на градот Скопје во Земаљскиот музеј, кој годинава одбележува 130 години постоење, се претстави со 110 предмети што отсликуваат различни аспекти од животот на Скопско кале во византискиот и во османлискиот период, со акцент на керамичкиот материјал. Изложбата „Скопската тврдина – симбол на градот“ од авторите Снешка Лакалиска, Драгица Живкова и Игор Кузманоски за ова гостување во Сараево доби и посебен каталог на босански и на англиски јазик. Таа е реализирана по збратимувањето на Скопје и на Сараево заради интензивирање и продлабочување на соработката од областа на културата. Преку обраќањето на Фросина Зафировска, директорка на Музејот на град Скопје, најавено е гостувањето на Земаљскиот музеј, а Драгица Живкова деновиве го истакна добриот прием на изложбата во Сараево уште од самото отворање и кај публиката и кај медиумите. Некои од босанските медиуми ја пренесоа и нејзината изјава дека целта на авторите на изложбата била и потсетување на колегите, кои во 1967 година ги реализирале заштитните археолошки ископувања на скопската тврдина со голем ентузијазам

Фотографија на Франтишек Топиќ

Основан во 1888 година, Земаљскиот музеј е најстарата, модерна културна и научна установа од западен тип во БиХ. Првата идеја за негово основање датира од половината на 19 век, додека просторот на Босна и Херцеговина – како босански пашалак му припаѓал на Отоманското Царство. Но, сепак, таа била реализирана четири децении подоцна со доаѓањето на новата власт. Австро-Унгарија го окупирала босанскиот пашалак во 1878 година донесувајќи нови политички и општествени цели, обичаи и вредности. Тие вклучувале и промоција на науката низ истражување, академски и институционален развој. Просторот во кој првобитно бил сместен Земаљскиот музеј, во тогашниот центар на Сараево, набрзо станал многу тесен и несоодветен за збирката што се зголемувала, па во1909 година почнала изградбата на новиот музејски комплекс од четири павилјони и ботаничка градина, кој е завршен и отворен во 1913 година.

Долго време тоа беше единствениот наменски изграден музејски комплекс на просторот на поранешна Југославија.