Зборник на поети од Македонија и од Германија

Во издание на здружението за наука и култура „Нова“ од Битола неодамна е објавен поетскиот зборник „Поетски паралели“. Станува збор за книга во која со избор поезија се претставени седум македонски автори членови на ова здружение и седуммина од здружението „7-ка“ од Франкфурт на Мајна, Германија.
– Песните во зборникот се мотивски и стилски различни и на таков начин посочуваат на поетските преокупации на авторите, предавајќи една колоритност на идеи, видувања, поетски пораки што во суштина се обединуваат во поривот за уметничко создавање, како радост, како среќа – пишува во предговорот приредувачката на овој зборник Мирјана Стојановска.
Со по пет песни се застапени поетите и поетесите: Мирјана Стојановска, Весна Мундишевска Велјановска, Филип Димкоски, Ленче Милошевска, Петар Петрески, Љерка Тот Наумова, Никола Јованоски, Љубиша Симиќ, Славица Панзаловиќ, Драгица Шредер, Злата Икановиќ, Сенка Павловиќ, Вања Чобанов и Даница Дана Додиќ.
Препевот на македонски јазик на застапените автори од Германија е на Ленче Милошевска, лектурата е на Марина Геческа-Василевска.