На 81 година вчера почина театарскиот и филмски режисер, драмски писател, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра, Љубиша Георгиевски. Тој е роден во Битола на 30 мај 1937 година. На македонската јавност ѝ е познат и како кандидат за претседател во 1994 година, беше амбасадор во Србија и во Бугарија и претседател на Собранието на Република Македонија од 2006 до 2008 година. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија“, во Белград, 1974 година. Како театарски режисер, има поставено над 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде што на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите тие гостувале низ Европа, од кои позначајни се гостувањата во Москва и во Виена. Има објавено десетина книги, а како филмски режисер има режирано четири филма.

Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение“ од Вацлав Хавел во „Театар центар“ како најдобра претстава на театарската сезона.