Македонската книжевна сцена остана посиромашна за уште еден плоден автор. Поетесата Олга Арбулјевска, по кратко боледување, минатата недела ја загуби последната животна битка. Таа својот работен и креативен век го мина како новинарка, поетеса, есеистка, преведувачка и сликарка.

„Оља остави трага и како уредничка и како новинарка низ многу емисии од културата на телевизијата Телма, магазините ’Везилка’ и ’Соѕвездија’, портретната серија емисии ’Мојот пат’, поединечните документарни записи за истакнати личности од културата, водителство во емисијата од културата ’Разговори’… Беше и авторка со суптилен поетски сенс, со особен, редуциран, а метафоричен певлив и возвишен израз; и новинарка и уредничка исцело посветена на следењето на културниот процес кај нас, членка на Македонскиот ПЕН и на Друштвото на писателите. Оља учествуваше на многу поетски читања организирани од двете асоцијации по повод клучните славја на поетската реч што тие ги организираат. Наредната пролет тие чествувања ќе бидат посиромашни за еден чист, естетски кохерентен и сугестивен поетски глас“, напиша на социјалните мрежи Томислав Османли.

Самата Олга Арбулјевска, за својата поезија и творештво велеше дека тоа е „основата на човековото постоење, преку кое се осознава вистината за себе, а преку него и суштината на нештата“.

– Творештвото не е само еден пат – тоа е вистинскиот пат. Творечкиот порив е својствен на сѐ што е живо, самиот живот е творечки чин. Низ делата, откровенијата доаѓаат сами – говореше Арбулјевска.

Родена е во Ниш, во 1949 година, детството го минала во Берово и во Скопје. Уште од училишна возраст пишувала поезија и драмски едночинки, изведувани на сцена. Авторка е на четири поетски збирки: „Канурки“ (1972), „Икителија“ (1981), „Светкамен“ (1991) и „Животница“ (2006), како и на книгата есеи „Ветрот на промените“ (1992). Во Историјата на македонската книжевност (1990) од М. Друговац, нејзината поезија е опишана како „игра, со мера и такт, меѓу архаичниот идиом и модерниот вербален знак“.

Дипломирала филозофија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работеше како новинарка во весниците „Борба“ и „Нова Македонија“ и беше уредничка за култура во националната телевизија Телма. Беше членка на Друштвото на писателите на Македонија од 1973 година и на Македонскиот ПЕН-центар од 1974 година.
Арбулјевска имаше преведено и неколку книги на македонски јазик, меѓу кои се „Градина“ и „Пепел“ од Данило Киш.

Погребот беше извршен вчера, на градските гробишта во Бутел, Скопје. М.Т.