Меѓународниот фестивал на европски филм ќе започне на 8 ноември, со филмот „Матанги/Маја/М.И.А“ од режисерот Стив Ловериџ

Годинешниот 17-ти „Синедејс“, меѓународен фестивал на европски филм, ќе започне на 8 ноември, со филмот „Матанги/ Маја/М.И.А“ од режисерот Стив Ловериџ во киното „Фросина“ и до 18 ноември, како што најави организаторот, Младинскиот културен центар ќе се обиде да го задоволи истенчениот вкус на својата верна публика и „буквално ќе нѐ збогати прекуноќ“.

И годинава ќе се реализираат традиционалните филмски програми, а меѓу нив гала-програмата ќе изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите вo Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам.

Од вкупно 21 филм, во оваа програма љубителите на европскиот филм ќе можат да ги погледнат и филмовите „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс вон Трир, „Суспирија“ на Лука Гуадаџнино, „Човекот што го уби Дон Кихот“ на режисерот Тери Гилиам и др.
Со гордост се најавени прикажувањето на филмот „Фаворитката“, на Јоргос Лантимос, премиерно прикажан на годинешното издание на Венецискиот фестивал, и долгоочекуваната македонска премиера на филмот „Хеј“, на македонскиот режисер Васил Христов.

Официјалната селекција и програмата „Синебалкан“ и овој пат ги направил Бернд Будер, а организаторот, на вчерашната прес-конференција, на која присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов, меѓу другото најави и дека осум филма на млади европски режисери ќе се натпреваруваат за наградите златна, сребрена и сина „ѕвезда“.

Новитет за оваа година е соработката со филмскиот фестивал за млади „Џифони“, со кој „Синедејс“ заедно ќе ја додели и специјалната награда за најдобар филм – од млади за млади.

Во рамките на „Синебалкан“ ќе бидат прикажани шест филма од балканско-европски копродукции oд млади дебитанти режисери или режисери на кои тоа им е втор филм.
И годинава е предвидена програма од музички документарци, како и голем број концерти. Меѓу другите ќе биде прикажан и филмот „Дечак из воде“, во режија на Марко Новчиќ, документарен филм за легендарната група „ЕКВ“, а меѓу планираните девет концерти е и концертот „Сеќавање на ЕКВ“ (со Срг?ан Жика Тодоровик? на тапани). И.Б.Р.