Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес ја збогати македонската стрип-сцена со три нови изданија, броевите 27 и 28 од ревијата „Стрип-креатор“ како и стрип-книгата „Хацон, Крал Пребонд, Климент Охридски“ од македонскиот доајен Миле Топуз.
Според Томе Трајков, од СЦМ-Велес, во оваа ревија свои први стрипови објавиле порано млади, а сега веќе поафирмирани стрип-автори од нашата земја.
– Традицијата и сега не е прекината. Во последните броеви на „Стрип-креатор“ се објавуваат стрипови почнувајќи од ветераните Диме Иванов-Димано, Тоде Блажевски, преку неправедно запоставениот Јорданчо Давидовски и завршувајќи до средношколката Калина Печевска. Исто така, во овие два броја е претставен еден дел од стрипот „Клеопатра“, кој, за жал, не ја доби поддршката од комисиите при Министерството за култура – информира Трајков. Тој појаснува дека стрип-книгата „Хацон, Крал Пребонд, Климент Охридски“ од Миле Топуз дава придонес во популаризацијата на македонската историја од средниот век.