Етнографскиот музеј од Загреб со комплексната изложба отворена и во Скопје, првпат научно и стручно ги тематизира интеракциите на животните со човекот во културолошка и во општествена смисла

„За животните и луѓето“ е насловот на изложбата на Етнографскиот музеј од Загреб, која е отворена во втората половина на мај во Музејот на Македонија и ќе може да се погледне до септември пред да го продолжи својот пат за презентација во Белград. Таа е една од ретките од регионот што нуди и голем број современи податоци, специфично амбиентално естетско доживување за нераскинливата релација меѓу животните и луѓето. Целта и е да поттикне да се надминат вообичаените сфаќања дека животите се само биолошки објекти и да се освести фактот за поврзаноста меѓу луѓето, животните и природата на еколошко, етичко и на духовно ниво.
Нејзините авторки: Жељка Петровиќ Осмак, Теа Ритинг Шишко и Гордана Виљетиќ, како и авторот на ликовната поставка, Лука Mаји Предраговиќ, не се единствените што ја составиле музејската приказна, која во Загреб првпат беше отворена минатата година. Во неа се вградени сознанија и на стручни лица од областа на филозофијата, религиите, уметноста, од антропологијата на животните, ветеринарството, сточарството, податоци добиени и од здруженија за заштита на животни и др. Изложени се експонати со претстави од животни во различни материјали (текстил, дрво, восок, животинска кожа, крзно), во витрините има на пример и ѓердан од каури-школки од Малдиви, орудија за работа, делови од оружја, различни обредни предмети, предмети од стопанските дејности со векови поврзани со животните, а момент на видлива радост кај посетителите предизвикуваат и познатите хрватски детски играчки од дрво, со претстави од животинскиот свет.
Во една од витрините стои и дајре од Македонија, а фасцинираат и различни предмети од Океанија, Австралија, Африка, кои ги поседува Етнографскиот музеј во своите збирки. Изложени се голем број фотографии, текстови од народно творештво поврзани со различни обичаи и верувања, а може да се погледнат и документарни, како и цртани филмови за деца. За актуелноста на изложбата говорат и презентираните податоци за тоа колку сточарството е одговорно за зголемениот процент на азотни оксиди во рамките на климатските промени.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Изложбата ни помага да ги следиме промените во односите меѓу луѓето и животните со текот на времето на глобално и локално, на рурално или на урбано ниво. Промената во стопанството, развојот на технологиите и новиот начин на стопанисување целосно го промениле човековото опкружување, па така и односот кон сите облици на животински свет со кои го дели животниот простор. Се откриваат чувствителни прашања поврзани со хуманиот однос кон животните, на пример за производителите на храна од животинско потекло. Јавноста сѐ повеќе се вклучува во проблематиката на искористување на животните за тестирање во медицината и козметиката, па многу фирми јавно се дистанцираат од таквата практика. Опстанокот на одредени загрозени видови како што се пчелите, го доведува во прашање и долготрајниот опстанок на самиот човек, а еколошкиот освестен пристап кон сопственото опкружување станува сѐ повеќе императив за пошироката заедница. Речиси и да нема дел од човечкиот живот во кој не наоѓаме траги од анималниот свет – пишуваат авторките во предговорот на обемниот каталог.
Тие истакнуваат дека на изложбата првпат и научно и стручно се тематизираат интеракциите на животинскиот свет со човекот во културолошка и во општествена смисла.
– Рецентната проблематика на стопанските рурални подрачја во Хрватска не ги разгледува само вложувањата во малите и во средните стопанства туку и создавањето и опстанокот на селските населби. Нарушувањето на рамнотежата на тие односи со бегството на младите поколенија во градовите остава празни места и културни проблеми на т.н. „бели подрачја“, кои ги дефинирала уште и Стратегијата на културниот развој на Министерството за култура од 2003 година. Тоа значајно ја менува сликата на животинскиот свет во руралните подрачја. Од друга страна, големите градови со светлосното загадување ги вознемируваат многубројните единки од животинскиот свет менувајќи го значајното нивното живеалиште – стои меѓу другото во каталогот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изложбата со истражување на феноменот на домашниот миленик се обидува да одговори и на прашањата од типот „кој е најдобриот пријател на човекот“, а соработката со здруженијата за заштита на животните е дел од нејзините придружни програми.
Уште праисториските цртежи на животните во пештерите покажуваат и пренесуваат натприродни елементи бидејќи животинскиот свет од дамнина е присутен во религијата, верувањата и магијата. Од ѕвездите сѐ до хороскопот нѐ следат животински ликови пренесувајќи ги своите особини во човечките судбини – потсетуваат авторките. Тие во оваа пригода укажуваат и дека во 21 век се менуваат компетенциите на луѓето, се бараат нови вештини и способности, а на тоа им се придружуваат и животните – од индустријата за забава, па сѐ до туристичките атракции во што голема улога играат и медиумите.
Темата на изложбата е релевантна во национален и европски контекст и иновативно ги прикажува промените во човековото опкружување во соживотот со другите битија, поместувајќи ги клучните вредности како што се толеранцијата, емпатијата, правата на другите и хуманиот карактер на просторот во кој човекот мора да опстојува во рамнотежа со другите и во еколошки сочуваниот простор за самиот на себе да си осигури иднина.
– Етнографскиот музеј од Загреб е прогласен и за музеј – љубител на животните. Има одредени денови во кои можеш таму да одиш и со миленикот – нагласува комесарот на изложбата, Јован Шурбановски.
Тој информира дека Музејот на Македонија во рамките на добрата, долгогодишна соработка на двете институции, во Етнографскиот музеј во Загреб, на почетокот на февруари 2019 година ќе гостува со изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, која во Скопје беше отворена во 2015 година.