Рецентна уметност

Во сета летаргична и скромна слика на општествена ангажираност, доминантна на актуелната ликовна сцена, Искра Димитрова со својот нов проект „@Траги“, изложен во „Чифте-амам“, понуди нова слика или свежина во современиот дискурс

Рецентните уметнички практики укажуваат на проток на идеи со засилен антагонистички однос кон општествениот систем, отворено посочување кон неговата неуспешност, но најчесто ангажираните концепти, особено институционалните, се недоволно мотивирачки за аналитичкиот процес во творечките постапки кај помладите автори. На уметниците им се нуди готова слика за општествената реалност, популистичка форма на прекаријатност, и токму затоа инсинуацијата преку ангажирани изложувачки концепти произведува немоќ, наместо афект, сиромашност на изразот, но и на самата суштественост на идеите.

Дали финансиската поддршка е таа што треба да ги мотивира уметниците да творат, дали тие веќе се навикнале да размислуваат „за уметноста“ само доколку се финансиски поддржани и дали би требало да чувствуваат обврзаност кон политичките бои и струења во моментот на нивното одобрување? Ова е прашањето што денес треба да му се постави на прогресивниот уметник, наместо тоа истиот е ставен пред молк, пред ангажирани концепти што ни малку не поттикнуваат на размислување за неговата општествена улога и функција како поединец кој секогаш треба да стреми да остане од другата страна на општото, вистински спротивставен на сѐ она што му се нуди како статична слика за реалноста. Потребата за актуелност во трката по преполнување на портфолија го втурнуваат уметникот во политичката манипулација како реторика на говор, а искрениот однос кон уметноста е целосно изгубен. Оттука се поставува прашањето дали ова општество веќе не може да изгради автор?

Во сета оваа летаргична и скромна слика на општествена ангажираност, доминантна на актуелната ликовна сцена, Искра Димитрова со својот нов проект „@Траги“, изложен во „Чифте-амам“, понуди нова слика или свежина во современиот дискурс, аргументиран уметнички ракопис, контекстуално и ликовно недвосмислено ангажирано промислување. Димитрова е авторка што ја утврдила својата улога во процесите на градењето на прогресивната ликовна сцена во 1990-тите, особено во доменот на феминистичкиот критички ангажман, кој се ткаеше едновремено со преостанатите постмодернистички тенденции во спрега со модернизмот. Во периодот на деведесеттите, на нашите простори се градеа исклучиво индивидуални авторства, изворни наративи како и автономни уметнички продукции. Во своето претходно творештво, ликовниот јазик на Димитрова артикулира преку низа создадени амбиенти преполнети со сетилни сугестии што ја прават присутна метаморфозната состојба на енергиите, раѓањето и смртта, присуството на духовното или отсуството на телесното, реминисценции на остатоците од животните траги на овоземниот или алхемиски создаден свет на постоењето.

Интенцијата на проектот е да го отслика домашниот менталитет на културата, како и манифестацијата на неукост на институциите, перцептивното слепило на граѓаните, неспособни да ја прочитаат пораката на авторката и важноста на поставувањето на скулптурата „Вера, надеж, љубов“ во реката Вардар во времето кога се уништуваше зеленилото, а еколошката свест беше речиси непостојна. Проектот е разложен на четири основни перформативни прагматички точки: што рекоа политичарите, новинарите и јавните личности, што рекоа луѓето, дел од договорите и уште еден документ – спогодба за раскинување на договорот, и два врзивни или фреквентни премини во наративот: насоката во којашто размислував и што напиша ликовната критика, целосно приспособени или интенционално обмислени според просторот во кој се поставени. Убедливоста на ликовниот ракопис се состои во преобразбите на навидум обичните и едноставни денотативни комуникативни средства што авторката ги употребува. Нивната значајност не лежи само, или исклучително во изјавите и нивната афективна моќ, туку во начинот на кој тие се изложени, обликувани, приспособени – пред сѐ медиумски.

Она што во суштина го прави проектот целосно читлив е неговата густа структурална поврзаност. Секој од понудените концепти е засебно обликуван, индивидуално ангажиран, распонот на формалните постапки се движи помеѓу скулптурално, постдигитално, чисто концептуално, монументално. Секоја од постојните комори може независно да функционира, а сепак синхрониски се однесува кон целината на изразот. Објектот („Чифте-амам“) е прифатлив избор за документирање на една современа содржина, а со својата архитектура од 15 век се спротивставува на современиот ликовен јазик и ја истакнува и засилува неговата значајност во контекст на историската логика на постоењето. Минималистичкиот пристап во обликувањето или постапката е особено воочлив во инсталацијата или писмо-скулптура „И уште еден документ – спогодба за раскинување на договорот“, во левата крајна просторија на амамот.

Поставеноста на овој елемент во просторот, неговата пропорција во однос на преостанатата очекувано транзитна траекторија на набљудувачите, укажува на особена аналитичност во промислувањето кај авторката. Темната комора, во која е расположено делото „Што рекоа луѓето“ е можеби најгласна во својата перформативност, тука средбата со делото се претвора во неочекувана пауза, моментум на неизвесност и магичност. Ѕидната инсталација – река од текстуални пораки, интонирани со светлосен ефект, го воведува читателот во разголениот човечки парадокс на несвесното, и можеби сосема суптилно (подната движечка инсталација од отпад) го потсетува на нехуманото секојдневие, неетичко и брутално однесување кон природата и урбаното живеење. Во преодната инсталација „Насоката во којашто размислував“, непотребно се изземени имагинарните односи на концептот и неговите современи визуелни референци – непотребно е дополнително појаснување за читателите, или восприемачите, тоа би требало да биде предмет на анализа, не на информација. Отвореноста на концептот е една од поважните вредносни карактеристики на ова дело.

Искра Димитрова со овој проект нѐ потсетува што значи авторство, одржување на сопствените конфликти со човечката средина во постојана рамнотежа. Нејзиниот критички поглед кон општествените состојби целосно е издржан, бидејќи таа својот отпор го покажува не само преку своето во целост аргументирано „дело во процес“, туку и отворено ја критикува неумешноста на ова општество да препознае значајни авторски концепти.

Натали Р. Павлеска