Вечерва започнува 53 – то издание на МТФ„Војдан Чернодрински“. Најпрво во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „Моќта на театарот“ на МНТ, за потоа во големата сала од ЦК„Марко Цепенков“ да бидат врачени наградите за животно дело на актерот Петре Арсовски и композиторот Љупчо Константинов.

Честа први да настапат ја имаат актерите од МНТ кои ќе ја изведат претставата „Ничија земја“ од Тановиќ и Морфов, во режија на Александар Морфов.

Годинава на фестивалот во официјална конкуренција ќе бидат изведени уште 11 претстави, кои ги избра уметничкиот директор Катарина Коцевска.

-Театарот е чудесна куќа, Во театарот најјасно се одвојува вистината од лагата, доброто од лошото, љубовта од нешто што не е е љубов. Во театарот судот е строг и правден и има најдобро мерило – аплаузот – вели Коцевска.

Годинава жирито е во состав Мими Таневска, актер и професор на ФДУ, Драган Спасов Дац – актер и Јасна Новаков, театролог и извршен директор на театарот „Звездара“ од Белград, кое ќе одлучи која претстава ќе биде најдобра, како и за останатите други награди што се доделуваат на фестивалот, што ќе заврши на 15 јуни.

На фестивалот ќе бидат прикажани и пет претстави во придружната програма на ФДУ, ЕСРА, на кумановскиот театар, како и „Железниот светилник„ од Димитар Талев, во режија на Асен Шопов, гостување на Театарот на Бугарската армија.

Ќе има и две трибини „Театарската критика денес“ и „Местото и улогата на драматургот во театрите во Македонија“, како и промоција на театарска литература.

Ка.М.