Во охридското село Велестово вечерва, во 21 часот, ќе започне 31-та „Поетска ноќ во Велестово“, посветена на поезијата на Иван Џепароски и на цртежите на Воскресија Андреевска, а најавени се и гостувања од Бугарија и од Република Ирска. На отворањето на манифестацијата ќе настапи вокалистката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) заедно со Александар Петров, како специјална придружба на тапан.
За поезијата на поетот Иван Џепароски ќе говори Наташа Аврамоска, стиховите ќе ги интерпретира актерот Владимир Јачев, а истата вечер, во 22 часот, на тремот на црквата „Успение на св. Богородица“, ќе биде отворена изложбата на академската сликарка Воскресија Андреевска.

Воскресија Андреевска

– По пауза од една година, манифестацијата повторно има и интернационален карактер, при што ќе се претстават врвни поети од две големи култури – Република Ирска и Бугарија. Станува збор за поетите Џери Марфи и Поли Муканова, а во офф-програмата ќе имаме можност да чуеме и стихови од поетот Владимир Левчев. Она што особено нѐ радува годинава е обновената соработка со Семинарот за македонски јазик и литература, па, така, семинаристите и годинава ќе бидат наши гости во публиката, а потоа ќе имаат и можност да се запознаат со учесниците на манифестацијата лично – рече Јулијана Величковска, која веќе единаесет години е членка на организацискиот одбор на „Поетска ноќ во Велестово“. Таа истакна дека оваа манифестација за неа претставува празник на културата и уметноста во Македонија и дека таа, како и другите членови на нејзиниот организациски одбор, секогаш со радост го очекуваат пристигнувањето на гостите и сето она што за нејзиното времетраење ќе се случува, особено затоа што, како што истакна Величкова, тие знаат дека приказната нема да запре тука, оти „Поетска ноќ во Велестово“ е како овошен сируп што потоа бавно се раствора и испива низ годините, пријателствата и културните размени што следуваат.

Утре во 12 часот во НУ библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи настанот „Поезија напладне“ посветен на творештвото на Поли Муканова од Бугарија. Модератор на настанот ќе биде Зоран Јакимоски, а ќе гостува и познатиот бугарски писател Владимир Левчев, кој исто така ќе се претстави со неколку свои песни. Истиот ден, со почеток во 19.30 часот во кафе-барот „Шила“ во Охрид ќе се одржи промоција на стихозбирката „Жалба до Музата“ од Џери Марфи од Ирска, во избор и препев на Јулијана Величковска и издание на „ПНВ публикации“ од Скопје. Промотор на книгата ќе биде Димитар Пандев, додека, пак, стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.

Затворањето на поетската вечер ќе се одржи на 18 август, од 20.30 часот во Куќата на Уранија во Охрид, каде што во соработка со фондацијата „Славко Јаневски“ ќе биде претставен романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова, кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2018 година.