Со отворањето на изложбата „Модерни трендови во унгарската фотографија“, вечерва, во 20 часот, во „Мала станица“ при Националната галерија, во соработка со Амбасадата на Унгарија во Скопје, ќе започне Неделата на унгарската култура во земјава насловена „Унгарската култура поблизу до нас“. Изложбата има цел да ги истакне прогресивните идеи што оставиле голем печат на уметничката фотографија од Унгарија во 20 век преку неколку дела од светски познати фотографи и други уметници, кои досега беа попознати во таа земја отколку во другиот дел од светот.

Изборот е направен од колекциите што се наоѓаат во Унгарскиот музеј за фотографија.
Фотографии на авторите: Андре Кертес, Ласло Мохоли-Наѓ, Брасај (псевдонимот на Ѓула Холас) и Мартон Мункачи имаат висока цена во целиот свет и нивните дела се сметаат за икони на фотографијата меѓу војните. Фотографиите што ќе бидат изложени во „Мала станица“ го опфаќаат периодот од годините пред Првата светска војна па до крајот на Втората светска војна. Исто така ќе бидат претставени и дела на помалку познатите унгарски фотографи од споменатиот период, меѓу кои се и Ангело, Карој Ешер, Имре Кински, Јожеф Печи, Јудит Карас, Иштван Керњ, кои се сметаат за одраз на експериментализмот и на алтернативните идеи што се коселе со доминантните и вообичаени фотографски стилови најдобро претставени со доцниот пикторијализам и т.н. унгарски стил.

„Унгарската култура поблизу до нас“ во земјава се одржува во рамките на одбележувањето на 25-годишнината од почетокот на македонско-унгарските дипломатски односи. До октомври освен во Скопје, но и во Прилеп, Битола и Крушево ќе се одржуваа различни културни и едукативни настани. На 22 април во Природонаучниот музеј во Скопје ќе биде отворена изложбата „Флората и фауната на Балканскиот Полуостров“, на претстојниот Саем на книгата ќе бидат претставени современи унгарски илустрации во книги за деца, а планирано е отворање и на фотографска изложба под наслов „Будимпештански приказни“ во Тетово, Кавадарци и Битола во текот на мај и јуни. Во рамките на „Скопско лето“ концерти ќе одржат фолклорниот ромски ансамбл „Рајко“, како и хорот „Св. Ефраим, а ќе бидат прикажани и унгарски филмови. Концерти со унгарска музика и танци е предвидено да се одржат во Прилеп, Битола и Крушево, а во рамките на фестивалот „Блуз и соул“ во Скопје во септември ќе настапи и дуото „Торок – Фехер“.