Со видеоприказот „Ние на зајдисонце“, во Трпејца започна десеттото, јубилејно културно-забавно лето „На зајдисонце“. Во името на покровителот на манифестацијата, летото за отворено го прогласи заменик-градоначалникот на Охрид, Ристе Николески.
– Групата ентузијасти што се најзаслужни за успешната реализација на „На зајдисонце во Трпејца“, пред десет години ја промовираа идејата на гостите, посетителите и месното население на Трпејца да им понуди културно-забавни содржини, покрај прекрасниот амбиент и бистрите езерски води. Таа идеја веднаш наиде на поддршка во локалната самоуправа, но и жителите на Трпејца ја препознаа и ја поддржаа замислата. Бројот на уметници, спортисти и културни дејци од година на година е сѐ поголем, а следствено на тоа се зголемува и бројот на публиката. Деновиве во Трпејца ќе има хармонична поврзаност, спој што ќе внесе нов дух на ова прекрасно место. Секоја година, во деновите кога се одржува „На зајдисонце“ постои поинаква енергија, различна од сите претходни години, која го обзема ова место. Она што радува е дека не се само убавините што природата без штедење ги распространила низ Трпејца туку и културно-забавната манифестација е таа што повторно ги враќа гостите – рече Николески.

Милчо Јованоски, член на здружението „За Трпејца со љубов“ и организатор на манифестацијата, се заблагодари на годините поддршка и посветеност на сите оние што придонеле „На зајдисонце“ да стане препознатлив настан вистински организиран од и со љубов, посака убаво време и многу публика и во следните денови и години.
Трпејчани и гостите имаа и средба со нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, а посетителите можеа да видат и инсерт од познатиот документарец „Танцот со пастрмките“, во кој нуркачкиот инструктор Милутин Секулоски ги открива тајните на подводниот свет на милениумски старото Охридско Езеро.
Следува видеопрезентацијата од книгата „Рибарски алманах“ од Теон Џинго, Никола Митровиќ-Бабе и презентерот Славчо Новески. Трпејчани на фотографии ќе ги видат своите предци рибари, на фотографии зачувани во Архивот во Охрид. На овој настан ќе му претходи и атрактивната „Вечерна променада“ со кајче по езерото. Свој настап ќе имаат младите уметници, Христијана Матеска – хармоника и Марија Џуклеска – виолина. В петок во Трпејца ќе гостува градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид, под раководство на диригентот Бурим Хидри.
Манифестацијата вторпат е поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и од други многубројни спонзори и помагатели.