Со свечено дефиле и пригодна културно – уметничка програма на Велигденскиот фолклорен фестивал, Демир Хисар денеска официјално ја почна својата програма како носител на титулата „Град на културата за 2018 година“.

Манифестацијата, како  што соопшти Министерството за култура,  ја отворија градоначалникот на општина Демир Хисар Марјанче Стојановски и министерот за култура Роберт Алаѓозовски. 

– Не случајно оваа општина е град на културата на Македонија за 2018 година. Имаме обврска и кон богатото културно наследство на Демир Хисар, за жал, недоволно истражувано, ниту пак заштитено или промовирано онака како што заслужува. Тука се манастирот „Свети Јован Претеча“, црквите „Св. Јован Богослов“ и „Свети Никола“ во Слепче, манастирот „Свети Никола“ кај Слоештица, црквата „Света Петка“ во Жван – сите од XIV век, црквата „Влашки гробишта“ во урнатини во село Обедник – нагласи  министерот Алаѓозовски.

Тој посочи дека има локалитети со делови од населби, тврдини, некрополи, фрагментарна керамика и сл. во Граиште, Жван, Железнец, Зашле и Обедник. 

– Неодминлив и важен дел од историјата на овој крај и нашиот народ од Илинденскиот период се гробот и споменикот на Даме Груев, Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес и на учесниците во Илинденското востание во селото Смилево, гробницата на 15 востаници во Слепче, а тука се и повеќе споменици од периодот на НОБ рече Алаѓозовски.

Во текот на годинава во Демир Хисар ќе се случуваат повеќе настани, концерти, претстави, изложби, литературни читања и различни активности на уметници и културни работници од земјата, како и гостувања и настапи на странски уметници.