Бидејќи киносалите во Франција сѐ уште не се отворени, деветтото издание на филмскиот фестивал „Шанселизе“, кој го слави француското и американското независно кино, се одржува на Интернет, почнувајќи од вторникот, па до 16 јуни.

За своето прво дигитално издание, францускиот и американскиот независен филмски фестивал ја направи својата програма бесплатна и достапна за сите љубители на филмската уметност на својата официјална веб-страница. Фестивалската програма, покрај проекции, вклучува и мастеркласови и диџеи.
Главната цел на директорката на фестивалот, Софи Дулак, како што вели таа, е секој од нас, без разлика каде се наоѓа, да може да ужива во оваа голема прослава на независното кино од безбедна далечина.

Отворањето на фестивалот почна со изложба на Барбара Карлоти и прикажување на филмот „Џамбо“ од Зое Виток. Сите кратки филмови се достапни на официјалната страница на филмскиот фестивал. Сепак, за долгометражните филмови ќе мора да ја следите програмата и да го почитувате наведеното време на емитување, бидејќи ќе бидат достапни само од 500 до 1.500 „виртуелни седишта“, во зависност од проекциите.

Во програмата се предвидени и сесии со прашања и одговори, во чии рамки на 10 јуни, во 18 часот, е предвидена сесија со англискиот режисер Стивен Фрерс, додека, пак, Едгар Рајт ќе одговара на прашањата на јавноста в сабота, на 13 јуни, во истото време.

Помеѓу филмовите што треба да се прикажат се „Ле киоск“ од Александра Пијанели, „Крвав нос, празни џебови“ од Бил и Тарнер Рос, и „17 блока“ на Дејви Ротбарт.