Поетот академик Матеја Матевски, добитник на престижни поетски признанија, почина во Скопје каде што денеска и ќе биде погребен

Тивкиот поет, академик Матеја Матевски, чија поезија ги надминува земските и вонземните хоризонти, почина завчера на 89-годишна возраст во Скопје каде што живееше и твореше во најголемиот дел од животот. Неговите посмртни останки ќе бидат погребени денеска на градските гробишта „Бутел“ во 12 часот.
Поетот е познат и како литературен и театарски критичар, есеист и преведувач, автор е на многубројни незаборавни песни меѓу кои е и легендарната „Дождови“, беше роден во Истанбул во 1929 година. Во Гостивар го помина детството, а во Белград и во Скопје ги заврши студиите на Филозофскиот факултет. Автор е на стихозбирките: „Дождови“, „Рамноденица“, „Перуника“, „Круг“, „Липа“, „Раѓање на трагедијата“, „Оддалечување“, „Црна кула“, „Завевање“, „Мртвица“, „Внатрешен предел“, „Заминување на светулката“ и др.
Во богатата биографија на Матевски останува забележано дека работел како наставник по македонски јазик, но подоцна и во Македонската радио-телевизија како новинар, уредник, уредник на културните и на литературните програми, а потоа и како главен уредник и директор на Телевизија и генерален директор на Радиотелевизија Скопје. Во периодот од 2001 до 2004 година тој беше претседател на Македонската академија на науките и уметностите, а беше и долгогодишен член на Друштвото на писателите на Македонија каде што извршуваше раководни функции. Тој, меѓу другото, беше и уредник во издавачката куќа „Кочо Рацин“, во младоста го уредуваше книжевното списание „Млада литература“, а подоцна и списанието „Разгледи“.
Академик Матеја Матевски е добитник на повеќе значајни поетски награди: „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, на „Браќа Миладиновци“, доделена на истиот поетски фестивал, на највисоката национална награда „11 Октомври“, на престижната меѓународна награда за поетски опус на академијата „Мајкл Мадхуседан“ од Калкута, на признанието за литература „Премио медитерано пер литература 2005“, која ја доделува Медитеранската академија со седиште во Неапол и др. К.Б.