Вчера во родното Скопје по кратко боледување почина Екрем Хусеин, познатиот македонски балетски играч и кореограф, кој беше роден во 1943 година. Балетско училиште заврши во 1961 година во класата на Александар Доброхотов. Хусеин, пред сѐ, беше соло-танчар со многубројни креации во различни стилови меѓу кои најзапаметени остануваат Меркуцио, Петрушка и Петар Пан. Тој живееше за балетот, а тоа го знаеше и публиката. Во едно свое интервју за „Теа модерна“ меѓу другото ќе изјави: „Балетот е мојот живот и кога го велам тоа нема никакво претерување“. За своето танцово дело Екрем Хусеин ги доби наградите „Млад борец“, „13 Ноември“ и „Танц Фест Скопје“.

Творечкото танцово дејствување го пренасочил на репетиторство и кореографија. Негови видени кореографии се: „Адаџо“, „Кара Мита“, „Време за љубов“, „Пецо и волкот“, „Големиот Бах“, „Црвениот лебед“ и др. На Првото југословенско балетско натпреварување во Нови Сад, во категоријата млади кореографи, Екрем Хусен во 1982 година за „Адаџо“ на Албиниони добил „сребрена плакета“.