Филмот „Заглавени заедно“ на уметницата Тања Балаќ е селектиран на португалскиот филмски фестивал „Анархи филм фестивал“, кој ги обединува најдобрите филмови создадени од таленти низ целиот свет и ги прикажува пред меѓународната публика. Филмот премиерно ќе биде претставен на уште два филмски фестивали, „Фејс филм онлајн филм фестивал“ од 25 до 31 октомври, чија филмска програма ќе биде претставена во три европски градови: Брадфорд, Лисабон и Манчестер.
„Заглавени заедно“ е новиот видеозапис на уметницата Тања Балаќ, каде што таа и овој пат креира една поинаква приказна, која отвора многу општествени прашања, ставајќи акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот прикажани низ социјална призма. Овој видеозапис пренесува сериозна порака на меѓународно ниво, опипувајќи ја свеста за човечките судбини од различни држави, кои барајќи подобар живот и сопствено засолниште, остануваат заглавени во времето и просторот.

– Основната идеја е да се обидеме да го разоткриеме тој дискурс на актуелните миграциски случувања, да ги согледаме во еден поширок контекст, реализиран преку конкретна уметничка пракса – вели авторката.
Минатата година Балаќ доби неколку награди и признанија на меѓународно ниво: прва награда за експериментално видео,,Меморабилија“ на фестивал за кратки филмови во Западна Вирџинија, САД, четврта награда со истото дело на Уметничкото биенале во Фиренца, Италија, и награда за експериментално видео во Јужна Кореја. Таа со свои ликовни изложби минатата година се претстави пред публиката во Белград и во Виена.
Директор на фотографијата на филмот „Заглавени заедно“ е Кирил Шентевски, светлото е на Мартин Димитријев, асистент на камера е Сергеј Сарчевск, звучните ефекти ги направи Игор Крстевски, а музиката е на Тони Димитров и Јан М. Иверсен.