Во КИЦ на Република Македонија во Софија е отворена изложбата „Женска фрагилност и/или моќ“ на уметницата Шќипе Мехмети. На изложбата се претставени дваесетина дела, изработени во графичката техника сува игла. – Жената и женскиот принцип, нејзината нежност, сензуалност, чувственост, сексуалност, моќ на ранета лавица од една страна наспроти нејзината фрагилност, кршливост, злоупотреба, болка се главните два аспекта што како крајни параметри со сите варијации помеѓу ги истражува младата графичарка Шќипе Мехмети во најновите графички дела, насловени серија „Фрагилност“…

Графиките на Шќипе, кои се изведени во неколку графички техники, како сува игла, бакропис, комбинирана техника или пак само молив на хартија, се занимаваат со фигурација, и тоа од презентативен вид, во кои има наративен и описен пристап. Во нив има реалистички претстави или детали, јасно препознатливи и асоцијативни. Жанровски тие се движат од стриповски прикази до апстрактно-асоцијативни решенија, во кои постои одлична графичка подготовка на предлошката… – вели кураторката Ана Франговска. Шќипе Мехмети е родена во 1981 година, во Кичево. Во 2004 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2007 година магистрирала на отсекот графика на истиот факултет.