„Женска утопија“, монодрама на Димитрина Мицкоска, според драмите на Јордан Плевнеш, гостува во театарот „Златен Елец“ на 22 октомври, 20 часот, во СЦ „Дуња“. „Женска утопија“ се базира врз репликите на сите женски ликови од драмите на Јордан Плевнеш. Земeни се реплики од речиси сите драми, но јадрото го сочинуваат Малина од „Еригон“, Мадам де Помпадур од „Безбог“, Марија од „Нотр феме де Париз“, Стела и Естреа од „Вечната куќа“, Ереба и Европа од „Среќата е нова идеја во Европа“, Маргарита Ветерова и Катерина од „Р“, Весна Мирка од „Слободен лов“, наставничката од „Југословенска антитеза“- чии реплики се извадени и изместени од оригиналниот контекст и направени се пет самостојни ликови.
– Сите пет постојат како ликови во драмите на Плевнеш, но во „Женска утопија“ се изместени од рамките во кои тој ги сместил и се ставени во сосема нови ситуации и карактери што се дел од мојата имагинација и креација.
Пишуваниот збор на Плевнеш во комбинација со мојата инспирација од секој негов збор резултира со оваа монодрама, сплет на неговите зборови и моите дела. Како што пишува тој: „Разновидните имиња на душата, меѓу различни народи постојат како различни облици или начини на дишење“. Од неговите разновидни облици на женските ликови јас креирав пет души, пет начини на дишење во едно тело. Женска утопија, хаос и утопија – вели Димитрина Мицкоска.
Монодрамата премиерно е изведена на фестивалот „Актерот на Европа“ во 2018 г., каде што ја добива наградата „Млада Европа“, потоа на фестивалот „Ристо Шишков“, каде што ја добива наградата „Нета“, во 2019 г. учествува на Фестивалот на монодрама во Битола, на фестивал во Пеќ и во Приштина, Косово.